БЕЛГИСКА ДИЗАЈНЕРКА ПРАВИ МЕБЕЛ ОД ТЕНИСКИ ТОПЧИЊА, ЕДЕН СТОЛ ЧИНИ 2.900 ДОЛАРИ

Белгија, (Си-Ен-Ен)

Белгиската еко-дизајнерка Матилде Виток изработува мебел по нарачка од фрлени тениски топчиња. Елегантните, модернистички клупи, лежалки и столчиња на Виток се целосно без перници, освен за полнењето од 500 прецизно распоредени тениски топчиња.

„Потребни се околу 24 различни фабрички чекори за да се направи тениско топче, што е околу пет дена. Тоа топче потоа има толку краток животен век. Најдов инспирација во тениските топчиња затоа што и самата играв тенис, па знам дека ќе завршат во отпад“, изјави Виток.
Секоја година се произведуваат околу 300 милиони тениски топчиња и речиси сите завршуваат на депониите, каде им требаат повеќе од 400 години за да се распаднат. На Отвореното првенство на САД се користат околу 70.000 секоја година, а ни Вимблдон не заостанува со 55.000.
На Виток ѝ требаат три до четири недели да создаде стол, кој го продава за 2.900 долари. Секоја топка е рачно исечена и бојадисана, со бои избрани да одговараат на просторот на клиентот.
Виток почнала да ги гледа дизајнерските можности на спортската опрема кога учела во уметничко училиште во Лондон.

Секоја топка е рачно исечена и бојадисана, со бои избрани да одговараат на просторот на клиентот (Фото: М. Виток)

Но, создавањето не е единствената цел на Виток.

„Јас сум еко-дизајнер. Еко-дизајнот е кружен процес. Можете да користите одлични материјали што се со ниска емисија на јаглерод, но треба да размислите и за крајниот циклус. Ако не можете повторно да ги искористите елементите за нешто друго, тоа не е еколошки дизајн“, рече Виток.

Денес, таа ги добива сите свои материјали од тениските клубови. Започна со десет донирани топки, а денес работи со Тениската федерација на Валонија во Брисел, која ѝ ја понудила целата своја залиха од околу 100.000 топчиња. Дизајнерката вели дека таа залиха ѝ е доволна за неколку месеци.