На крајот на 2021, „Фиат“ му кажува збогум на „уно“ по 37 години производство во Бразил. По тој повод, беше претставен „уно чао“, специјално издание на евтиниот мал автомобил, што ќе се произведе во само 250 примероци исклучиво за бразилскиот пазар.
Според Херландер Зола, директорот на „Фиат“ за Јужна Америка, „уно“ е најпродаваниот модел на компанијата во регионот. Од 1984 се произведе во 4.379.356 примероци во фабриката во Бетим.
„Фиат уно“ оригинално се појави во 1983 како супермини дизајниран од Џорџето Џуџаро. Обновен изглед доби во 1989, а шест години подоцна престана да се произведува во Италија. Иако „Фиат“ во меѓувреме лансираше помодерни супермини автомобили како „панда“ и „палио“, „уно“ продолжи да се продава на многу пазари низ светот, најмногу во Јужна Америка. Сегашната генерација „ново уно“ беше претставена во 2010.