„Тесла сајбертрак“ можеби ја држи титулата на најчуден камионет на пазарот, но Кинезите се спремни да му парираат на Илон Маск и на тој план.
Кинеската компанија „ГАЦ“ го претстави „пикап 01“ како концепт на неодамнешниот Автосаем во Шангај и сега потврди дека ќе оди во производство и дека ќе се продава низ целиот свет. Производството треба да почне во 2027 и „ГАЦ“ кажа дека „пикап 01“ нема да биде наменет само за кинескиот пазар, туку ќе се продава и во Австралија, Саудиска Арабија, Чиле, Мексико и други држави.
Кинеската државна компанија, која има заеднички проекти со „Тојота“ и „Хонда“, досега ги нема објавено спецификите за погонот на камионетот.
Концептот, кој изгледа како комбинација на „тесла сајбертрак“ и новиот „хамер ЕВ“, се одликува со аголен дизајн што го издвојува од мноштвото кинески пикапи. Доколку серискиот модел остане верен на концептот, тој ќе се фокусира многу на оф-роуд перформансите.