Повеќе од еден милион пластични блокови и 13.000 часови работа му биле потребни на „Лего“ за неверојатен подвиг: функционално „бугати широн“, кое може да излезе на патиштата со својот оригинал.
Данската компанија направи реплика на еден од најспектакуларните спортски автомобили и тие оддалеку тешко можат да се разликуваат.
„Идејата беше да се направи невозможното. Овој модел во природна големина е прв од својот вид на многу начини. Сакавме да ги поместиме границите на нашата сопствена имагинација“, кажа потпретседателката на „Лего“, Лена Диксен.
Тој првпат беше тестиран во јуни во Германија, а јавно беше претставен вчера во Монца, во пресрет на тамошната Формула 1 трка.
Моделот е дизајниран и направен од тимот во Чешка, специјализиран за атрактивните креации од Леголенд. Тој целосно е составен рачно, без користење на лепак.
Тежок 1.500 килограми, во него се додадени и елементи што не ги произведува „Лего“, како челична рамка за безбедност и за стабилност на структурата, оригиналните тркала на „широн“, сопирачки систем од картинг болид и серво волан на АТВ.
Електричното возило го придвижуваат две батерии и може да постигне брзина од околу 20 километри на час, 16 пати помалку од оригиналот.