МУРАЛИ КОИ ВПИВААТ СМОГ ЌЕ БИДАТ НАСЛИКАНИ ВО 13 ГРАДОВИ НИЗ СВЕТОТ

Варшава, (Си-Ен-Ен)

Мурали кои имаат способност да апсорбираат смог се насликани во Бангкок и Варшава како дел од проектот „Градските шуми на Конверс“.

Американската компанија за обувки соработува со уметници во 13 градови низ светот, со цел да се создадат вакви огромни мурали, за кои се користи посебна, фотокаталитичка боја која помага да се прочистува воздухот.

„Оваа технологија ја користи светлосната енергија за да ги распадне аерозагадувачите и да ги претвори во безопасни супстанци. Секоја површина прекриена со ваква боја станува активен пречистувач на воздухот“, соопшти „Конверс“.

Муралот во Бангкок, изработен од двајца локални уметници, има влијание врз животната средина како 150 дрвја, додека оној во Варшава, дело на архитектот Давид Риски и муралистот Мацјек Полак, заменува 780 дрвја.

Планирано е вакви мурали да бидат насликани и во Сиднеј, Манила, Сао Пауло, Џакарта, Белград, Лима, Сантјаго, Јоханесбург, Мелбурн, Богота и во Панама Сити.