МУРАЛОТ ЗА МЕУРЕСТ КОЗИНЕЦ ВО БОГДАНЦИ ПОВИКУВА НА ЗАШТИТА НА ОВА РЕТКО РАСТЕНИЕ

Струмица, (СМАРТ СДК.МК)

Во рамките на проектот „Зачувување на ендемичните растенија во Македонија“, што го спроведуваат здружението „Полимат 13“ и Македонското еколошко друштво, во центарот на Богданци е нацртан мурал посветен на меурест козинец, кој во земјава единствено го има во оваа општина. Муралот е на површина од 30 квадратни метри, на кој во оригинални бои е насликан козинецот, кој во земјава има статус на критично загрозен вид.

Користиме различни методи за да го популаризираме ова растение и да им пренесеме порака на граѓаните дека секое растение во националниот биодиверзитет на Македонија треба да се негува и сочува. Станува збор за мало, ендемично растение кое цвета во овие месеци. Планираме да направиме кратка патека каде што го има козинецот“, рече Надица Маџарова од „Полимат 13“.

Муралот го изработија уметниците Виктор Семенпеев и Ана Димчевска-Семенпеева од Богданци по повод Меѓународниот ден на растенијата.

Преку овој мурал сакаме да ја запознаеме јавноста дека во Богданци има уникатно растение и да упатиме порака да не се уништува, бидејќи во овој период има цветови кои се интересни, па луѓето ги кинат“, кажа Семенпеев.

В. TРАЈКОВ