Дејвид Гета, кој на 8 септември настапи на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје пред 50.000 луѓе, доби уникатна јакна изработена специјално за него од македонскиот дизајнер Сатја Грабулоски и неговото студио „Ес вит а дот“.

На ракавите се насликани моменти и симболи поврзани со кариерата на Гета, во комбинација со македонски мотиви. На левиот ракав се монолитот над македонското знаме и датумот на независноста на Македонија, наградата Греми, Ибица и песната „Титаниум“ претставена преку музички бранови. На десниот ракав има волчица над македонските планини, Купидон како асоцијација на хитот „„When Love Takes Over“ и мотиви поврзани со почетоците на Гета.
„Јакната ја завршивме релативно брзо, но тоа е затоа што во изминативе шест дена целиот тим работеше на неа деноноќно, во координација со тимот на Дејвид. За мене, најважно е светските ѕвезди да си отидат од Македонија со најдобри впечатоци и со најквалитетно парче уметност, нешто што мислам дека Гета и го доби“, вели Грабулоски.
Фото: К. Попов