Компанијата „Колгејт“ лансираше нова паста за заби, за која вели дека е револуционерна бидејќи е пакувана во туба што може да се рециклира.

Овие туби досега важеа за невозможни за рециклирање бидејќи се прават од мешавина од пластика и алуминиум. Се проценува дека годишно низ светот се фрлаат 20 милијарди пакувања.

Новата паста на „Колгејт“, наречена „Smile For Good“, доаѓа во туба направена од полиетилен со висока густина, од што се прават и пакувања за млеко и е одобрена од Веганското здружение.

Од „Колгејт“ велат дека неговите инженери пронашле начин да ја претворат оваа тврда пластика, која на големо се рециклира низ светот, во туба која лесно се стиска. Тие се подготвени да ја отстапат технологијата и на ривалски компании.