Корисниците на новиот електричен теренец „BMW iX“ ќе искусуваат поинакво звучно доживување при возењето место традиционалните звуци на моторот. Аудиоефектите создадени од оскаровецот Ханс Цимер ќе вклучат и електронска интерпретација на звукот на ветерот кој поминува над автомобилот.

„Тоа е како кога при едрење го слушате ветерот во едрата. Патниците нема да го слушаат звукот на моторот, туку комплетно нова симфонија“, изјави Домагој Дукец, шефот на дизајнот во „БМВ“.

Звуците кои ќе одговараат на акциите на возачот, како и на перформансите на автомобилот и надворешните услови ќе доаѓаат од 24 звучници во возилото. Некои од нив ќе бидат вградени во возачкото седиште за уште поизвонредно искуство.

„Тоа е како да компонирате музика со начинот на кој возите. Вие креирате своја сопствена музика“, појасни Дукец.

Освен „iX“, ефектите ќе бидат вклучени и во „i4 gran coupe“. Двата модела ќе излезат наесен.