„ПОРШЕ“ ДИЗАЈНИРА ВСЕЛЕНСКИ БРОД

Штутгарт, (Би-Би-Си)

„Порше“ ќе оди длабоко во вселената откако се здружи со „Лукасфилм“ за да создаде вселенски брод за потребите на филмот „Војна на ѕвездите: подемот на Скајвокер“. Германската автокомпанија соопшти дека дизајнот на бродот нема да биде откриен до премиерата на филмот, закажана за декември.

„Да се развие вселенски брод со препознатлив дизајн на ‘Порше‘ беше возбудливо и предизвикувачки. Иако на прв поглед немаат многу заеднички елементи, двата света имаат слична филозофија на дизајн. Тесната соработка со тимот на ‘Војна на ѕвездите‘ нѐ инспирира и фасцинира“, изјави потпретседателот на одделот за дизајн на „Порше“, Михаел Мауер.

Вселенскиот брод наводно сѐ уште не е завршен и дизајнерите ќе се состанат во Штутгарт и Сан Франциско во наредните недели за да го дообликуваат. „Војна на ѕвездите: подемот на Скајвокер“, последниот, деветти филм од сагата за Лук Скајвокер, ќе има светска премиера на 20 декември.