„Порше“ се пофали дека примил 20.000 резервации за својот прв електричен автомобил, „тајкан“. Иако сè уште не е можно тој однапред да се нарача, потенцијалните купувачи можат да се регистрираат во посебна програма, за што се уплаќаат 2.500 евра.
Големиот интерес ја принудил компанијата да го зголеми предвидениот производствен капацитет од 20.000 на 40.000 автомобили.
„Ова се значително поголеми бројки отколку што очекувавме. Вообичаено примаме повеќе нарачки откако се направени првите тестови и возилото е покажано во јавност“, изјави шефот на „Порше“, Оливер Блуме.
„Порше“ досега ја покажа само концептната верзија „мишн Е“, додека финалниот дизајн на „тајкан“ ќе биде претставен дури во септември, за кратко потоа да има и своја промоција. Познато е дека до 100 километри на час ќе забрзува за 3,5 секунди, а со едно полнење на батериите ќе може да помине повеќе од 500 километри. Неговата цена ќе се движи во распон од 90.000 до 130.000 евра.