„Рено морфоз“ требаше да биде голема ѕвезда на откажаниот Автосаем во Женева и како што му кажува и името, тоа е автомобил кој буквално може да го менува својот облик.
„Морфоз“ е концепт на електричен автомобил што има карактеристики на лимузина, теренец и купе и според потребите на патниците, може да се трансформира, односно да се издолжува и смалува.
Помалата, градска опција е долга 4,4 метри и нејзините батерии од 400 киловат-часови овозможуваат досег од 400 километри. Но, ако се оди на подолго патување, се вклучува патувачка опција, со што автомобилот се развлекува на 4,8 метри, а со батериите од 90 киловат-часови можат да се поминат околу 700 километри. Автомобилот се менува со допир на копче, отворајќи поголем простор за патниците и батериите.
Во внатрешноста, „морфоз“ е опремен со најсовремени технологии, како вештачка интелигенција, 5Г, автономно возење и 10-инчен екран. Совозачкото седиште може да се сврти наназад, што овозможува попријатна комуникација за време на долги патувања.
„Морфоз“ е само концепт и засега не е планирано да се произведува, но „Рено“ навестува дека елементи видени во него би можеле да се реализираат најрано во 2025 година.