Влатко Стефановски доби посебно признание за придонес во филмската музика на јубилејното, 20. издание на Филмскиот фестивал во Вуковар, Хрватска. Признанието кое го доделуваат „Кроација рекордс“ и „ЦМЦ телевизија“ му беше врачено на свеченоста во Хрватскиот дом во Вуковар.
Стефановски во својата повеќедецениска кариера компонирал музика за повеќе од 15 долгометражни филмови, како и за повеќе телевизиски и анимирани проекти.
„Навистина сум почестен со ова признание и пријатно ме изненадивте. Во моите 50 години кариера се насобраа доста композиции за различни телевизиски проекти. Работењето на филм е навистина сложена работа, бидејќи мора да ги следите темата на филмот и желбата на режисерот. Драго ми е што имав можност да работам со некои наши големи режисери, како Столе Попов и Гоце Васков или со Рајко Грлиќ на филмот ‘За среќа се потребни тројца’“, рече Стефановски.
Неговата прва филмска музика е од 1979 година, за анимираниот филм „Циркус“. Меѓу неговите најпознати остварувања поврзани со филмот е „Џипси сонг“ од филмот „Џипси меџик“, која стана регионален хит. На свеченоста, Стефановски ја свиреше оваа песна, а публиката го поздрави со овации.
На почетокот на 2026 Стефановски ја доби и специјалната награда „Порин“ во Хрватска,за неговиот придонес во музиката.
Фото: Вуковар филм фестивал