Игор Џамбазов ќе го отвори мултимедијалниот настан „Уметноста ја крши тишината“, кој на 7 септември од 21 часот ќе се одржи на платото пред Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија, по повод 35 години независност на Македонија.
Настанот ќе ги спои музиката, поезијата, визуелната уметност, видео-мапингот и современата клупска култура. Ќе настапат Никола Перевски-Пере од „Нокаут“, Весна Микиќ на харфа, Александра Илиева на саксофон, Јана Стојановска, Мишел Трајковски, кои се дел од групата „Скопје Виа“ и Лаура Карлиу. Таа ќе настапи на македонски и албански јазик, а дел од програмата ќе биде посветен и на ромската култура.
Ќе биде поставена изложба курирана од Антони Мазневски, со дела на Михаил Корубин, Калина Брајковска, Решад Ахмети, Игор Јосифов, Крсто Глугоријадис, Ангел Миов и Синиша Новески. Актерката Ана Стојановска ќе настапи со рецитал.
По официјалниот дел ќе следува клупска програма со Нино Флудер, Александра Илиева, Ампов и Димчуга од колективот „Буру“. Вечерта ќе ја затвори Мирофора, диџејка и радиоводителка од Солун и членка на грчкиот колектив „НОН“.
Организатор е музичката платформа „Терапија“.