„Фиат“ го прекина производството на „пунтото“ по 25 години, тивко ставајќи крај на еден од своите најдолговечни модели.

Компанијата не планира да го замени со нов претставник во Б-сегментот, туку ќе го искористи слободниот простор во фабриката во Мелфи за производството на вториот теренец на „Масерати“.

„Пунто“ беше изоставен од идните планови на „Фиат-Крајслер“ во почетокот на јуни, кога сега покојниот извршен директор Серџо Маркионе најави дека фокусот во наредните пет години најмногу ќе биде на моделите на „Алфа ромео“ и „Џип“.

Првата генерација на „пунто“, која се произведуваше од 1993 до 1999 година, беше прогласена за Европски автомобил на годината во 1995. Втората генерација се продаваше до 2010 година и дури го надмина својот претходник. Кога во 2005 година беше претставена и третата генерација, таа се состоеше од две верзии, „гранде пунто“ и „класик пунто“.

„Пунтото“ во меѓувреме го загуби натпреварот во цената и во квалитетот со најголемите конкуренти, како „поло“, „фиеста“ и корејските автомобили. Тој се продаде во нешто повеќе од девет милиони примероци.