УМЕТНИЦИ ОД 15 ЗЕМЈИ НА АРТ ФЕСТИВАЛОТ „ЕЗЕРСКИ БИСЕРИ“ ВО СТРУГА

Струга, (СМАРТ СДК.МК)

Музичари и уметнички таленти од Русија, Унгарија, Хрватска, Украина, Словенија, Белорусија, Македонија, Казахстан, Литванија, Србија, Бугарија, Романија, Босна и Херцеговина, Молдавија и Турција се гости на меѓународниот арт фестивал и натпревар „Езерски бисери 2018“ во Струга.

Фестивалот трае до 14 август, а главните настани се одржуваат во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Организаторот најавува дека утре ќе се одржи избор на Европска убавица, во организација на „Ворлд бјути контест“ од Москва. Осумнаесетте кандидатки ќе се претстават во национални костими, спортско издание и во вечерни тоалети.

За време на „Езерски бисери“ ќе има повеќе мастер класови за учесниците, а натпреварот во класика и естрадни вокал и танци ќе се одржи в сабота од 10 часот. Настапите ќе ги оценува меѓународно жири.

Традиционалниот гала концерт ќе се одржи в недела од 21 часот. Најдобриот учесник ќе добие Гран при од 1.000 долари и оригинални охридски бисери.

Д. ЧУБРИЌ