Во Музејот за дизајн во Лондон се отвори изложбата „Ферари: Под кожата“, која ги истражува историјата и дизајнот на италијанската автокомпанија.
Со изложбата се прославуваат 70 години креативен развој и лансирањето на првиот автомобил во 1947 година. Прикажувајќи ретко виден материјал од приватни колекции, таа дава ретка можност да се ѕирне во гламурозниот свет на „Ферари“.
Оваа амбициозна колекција, прва надвор од Музејот на Ферари во Маранело, ги спојува раните дизајни, цртежи, лични писма и сувенири, како и некои од најпознатите автомобили.
Меѓу експонатите се и возачката дозвола на основачот Енцо Ферари, како и оригинални цртежи и точна реплика на „125 С“ – првото „ферари“.
Поставени се и архивски фотографии од познати клиенти со нивните автомобили, вклучувајќи ги Клинт Иствуд, Семи Дејвис, Брижит Бардо и Питер Селерс.
Централен дел на изложбата е „250 ГТ кабриолет“ (1957), во сопственост на еден од најпознатите британски тркачки возачи на сите времиња – Питер Колинс.
Тука се и „Ф40“ (1988), што му припаѓа на тапанарот на „Пинк Флојд“, Ник Мејсон и „166 ММ“ (1950), порано управуван од Џани Ањели, директорот на „Фиат”.
Поставката ги содржи и кацигите што ги носеле Ф-1 возачите Алберто Аскари, Мајк Хоторн, Михаел Шумахер и Кими Раиконен.
Еволуцијата на дизајнот на тркачките автомобили е претставена преку „ферари 500 Ф2“, што Алберто Аскари го доведе до Формула 1 титулите во 1952 и 1953 година, како и на „ферари Ф1-2000“, победничкиот болид на Шумахер.
„Мислам дека зборувам во име на милиони амбициозни луѓе од сите возрасти, кои во одреден момент имале прекрасни соништа да се сопственици на ‘ферари’. Самиот бренд стана светски симбол за успех во дизајнот, без разлика дали станува збор за друмски или за тркачки автомобил. ‘Ферари’ е една од најголемите авантуристички приказни од индустриското доба“, вели сер Теренс Конран, основач на Музејот на дизајнот.