Ако налетате на огромна пеперутка насликана на ѕид од зграда, големи се шансите дека станува збор за дело на Мантра.
Овој француски уметник и натуралист, чие вистинско име е Јури Кансел, отсекогаш бил фасциниран од ентомологија, поконкретно од пеперутки и молци.
„Пораснав во град, но мојата детска имагинација наоѓаше засолниште во градини, реки и шуми и пеперутките секогаш беа дел од тие места“, вели Мантра.
Овој интерес го пресликал во огромни уметнички дела – мурали кои може да се пронајдат на фасади на згради низ цел свет, и напуштени и модерни. Живописните пеперутки на Мантра изгледаат крајно реалистично благодарение на неговата техника на сликање која се граничи со оптичка илузија.
Триесет и тригодишниот Мантра е самоук уметник кој прво почнал да слика на напуштени фабрички згради од неговиот регион. Тој денес преку своите дела испраќа порака за еколошка свест и предупредува на исчезнување на биодиверзитетот.