ИСЧЕЗНАТИОТ „АСТОН МАРТИН“ ОД „ГОЛДФИНГЕР“ СЕ БАРА НА БЛИСКИОТ ИСТОК

Лондон, (Индипендент)

Ловците на украдени артефакти се блиску до наоѓање на едно од најважните изгубени парчиња во автомобилската и филмска историја, легендарниот „астон марин ДБ5“, од филмот „Голдфингер” за Џејмс Бонд од 1965 година.

Автомобилот, комплетно опремен со гаџети што се користеа во филмот, не е виден откако исчезнал од хангар во Флорида во 1997 година. Експерите од „Арт рикавери интернешнал“ велат дека се при крај да го затворат случајот, откако истрагата ги одвела на Блискиот Исток.

„Пред неколку месеци добив многу интересна дојава дека тој може да биде на Блискиот Исток и ние ја испитуваме таа дојава“, изјави главниот извршен директор на АРИ, Кристофер Маринело.

Организацијата нуди награда од шест цифри за дополнителни информации каде се наоѓа автомобилот, еден од четирите што се користеа во филмот.

„Во него се сите гаџети”, рече Маринело, мислејќи на вградените оружја, ротирачката регистарска табличка и бандажите.

Проценетата вредност на возилото е од 7-10 милиони долари. Последниот сопственик го купи за 250.000 долари од аукциската куќа „Сотби“ во 1986 година.