ИЗЛОЖБА НА ХРВАТСКИ НАКИТ ВО БИТОЛА, ОСВЕН ОД МОНИСТА СЕ ИЗРАБОТУВАЛ И ОД МОРСКИ КОРАЛИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

По Виена и Брисел, изложбата „Игра со стаклени мониста“, која го претставува етно-накитот од Хрватска, е претставена и во Завод и Музеј Битола како дел од фестивалот „Илинденски денови“.

Изложен е накит рачно работен од стаклени зрна, но и од корали, со кој во руралните средини се украсувале телото и облеката на жената.

(Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Јадранскиот накит не се правел дома рачно, туку го ковале кај златари и филиграни, накитот бил златен и сребрен. Луѓето таму се занимавале со поморство и трговија, па биле финансиски појаки. Динарскиот накит е метален, а панонскиот од северна Хрватска го работеле жени од мониста, но и од корали“, рече Вјекослава Дамјановиќ, директорка на Центарот за култура „Сесвете“ од Хрватска.

Ако девојката била посиромашна, користела мониста, ако била побогата – корали. Колку побогата, толку герданот имал повеќе корални нишки, од две до 20.

(Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Накитот го покажувал и брачниот статус на жената, вдовиците, на пример, не можеле да носат црвена боја.

Центарот за култура „Сесвете“ се обидува ова наследство не само да го зачува, туку и повторно да ги оживее изработките како симбол на убавина и идентитет. Во организацијата на изложбата учествуваше Македонско-хрватското здружение „Марко Марулиќ“ од Битола.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Фото: СМАРТ СДК.МК