КАНДИДАТКИТЕ ЗА МИС НА МАКЕДОНИЈА ВО НАРОДНА НОСИЈА ЌЕ ПОМИНАТ ПОД ПОРТА МАКЕДОНИЈА, НАЈАВИЈА ОРГАНИЗАТОРИТЕ НА ИЗБОРОТ ШТО ЌЕ СЕ ОДРЖИ НА 8 ОКТОМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 8 октомври во Националната опера и балет ќе се одржи изборот на Мис на Македонија за Мис Универзум, најавија Шакир Села, сопственик на модната агенција „Даман“ од Истанбул и новинарот Зоран Василевски, кој е националниот директор на изборот. Села годинава ја купи лиценцата за учество на Македонија на 73. избор на Мис Универзум.

„Победничката ќе патува на светскиот избор на Мис Универзум во Мексико на 29 октомври и ќе ја претставува Македонија на финалето на 16 ноември. За награда, освен учеството на Мис Универзум, ќе добие 50.000 евра во договор за соработка. Со овој избор, сакаме светот да слушне за Македонија“, рече Села, кој живее во Турција, а по потекло е од Македонија.

„Ќе ги споиме модерното и традиционалното на шоуто. Пред да почне изборот, ќе се прикаже видео од кандидатките кои ќе влезат во финалето како во традиционални носии поминуваат низ Порта Македонија. Од пријавените кандидатки, кои се повеќе од 200, ќе избереме 20 финалистки“, рече Зоран Василевски.

Тој додаде дека со Села се сретнал неодамна во Истанбул, кога бил на лекарски испитувања.

Шакир Села, сопственик на модната агенција „Даман“ од Истанбул и националниот директор на изборот, новинарот Зоран Василевски (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Иако на 18 септември ќе се оперирам од канцер, ја прифатив понудата на Села да бидам национален директор на изборот“, кажа Василевски.

Тој најави дека со истиот тим ќе се организира и изборот на Мистер на Македонија за Мистер на светот, a како македонски претставник во Виетнам ќе оди Кристијан Богевски.

Минатата година, Мис Универзум се одржа во Сан Салвадор, а победи 23-годишната Шeјнис Паласиос од Никарагва. Ланскиот избор беше впечатлив и по тоа што во финалето се натпреваруваа и две трансродови кандидатки, од Португалија и од Холандија.

Изборот на Мис на Македонија ќе го водат повеќе водителки, а една од нив ќе биде Вера Мештеровиќ (фото), првата Мис на Македонија за Мис на светот во 1996.

М. ЏАРОВСКА