Велешанката Јагода Пачемска може да се пофали дека е единствена модна креаторка во Македонија која работи со цвеќе.
Таа деновиве, пригодно за Нова година, создаде природен фустан со зеленило од зимзелени дрвја. За да го изработи овој оригинален фустан, кој никој нема да го облече, на неа ѝ биле потребни шест часа.
„Фустанот е наменски, новогодишен декор. Изработен е исклучиво од свежо цвеќе и зеленило. Употребив десетина цветови од црвени рози, а од зеленило гранчиња на три вида зимзелени дрвја – елка, бор и лилиум. За да се добие формат на фустан, морав да внимавам зимзелените гранчиња да бидат поситни, за да може да има облина. И сето тоа треба да се спои“, објаснува Јагода.
Овој фустан го краси излогот на нејзината цвеќарница „Фа-Бу“. Делата на Пачемска се тема на женските муабети, оти таа единствена во земјава преку цвеќето ѝ дава нова содржина на женската облека.
„Важна е идејата, а јас ја имам. Иако едно ми е во мислата, низ изработката ќе излезе нешто друго и во моментот одлучувам како тоа ќе изгледа. Тоа е креативноста. Дел од жените имаат фустан, парче облека, што го платиле скапо, но само еднаш го облекле. Го купиле за некоја посебна пригода. И затоа не можам да го разберам ставот дека сакаат да носат во некоја пригода фустан од цвеќе, а се жалат дека рокот на користење е краток и нема да биде повторно носен. А, толку многу работи дома стојат неискористени“, ја постави дилемата Пачемска.
На јавноста ѝ е позната и по тоа што имаше изложба од цветни дамски шешири на коњски трки во Скопје.
П. ПЕЧКОВ