„ГУЧИ“ ГО ИСФРЛА КРЗНОТО ОД СВОИТЕ КОЛЕКЦИИ

Милано, (Дезин)

Модниот гигант „Гучи“ објави дека веќе нема да користи животинско крзно во своите колекции и дека ќе ги даде на аукција сите свои производи од ваков материјал, а парите ќе ги донира на организации за заштита на животни.

Претседателот на компанијата Марко Бицари соопшти дека со новата политика на куќата ќе се почне од наредната година, а сите производи од колекцијата пролет/лето 2018 кои содржат крзно ќе бидат преадаптирани.

Меѓу моделите што ќе бидат дадени на аукција ќе се најде и капутот од крзно од видра, кој се продаваше за 26.000 фунти.

„Една од основните вредности на брендот ‘Гучи‘ е да биде општествено одговорен и ќе продолжиме да работиме за доброто на околината и на животните“, изјави Бицари.

Тој смета дека употребата на животинското крзно во модната индустрија е веќе надмината работа.
Претходно, на ваков чекор се решија и Армани, Калвин Клајн и Стела Меккарти.