НАЏИН И ФАТУ – ПОСЛЕДНИТЕ СЕВЕРНИ БЕЛИ НОСОРОЗИ НА СВЕТОТ

Лондон, (Гардијан)

Наџин и Фату се последните примероци на својот вид на светот. Фотографот Џек Дејвисон го посети паркот Ол Пејета во Кенија, едно од најголемите засолниште на носорози на светот, за да ја документира оваа трагична приказна.

Ол Пејета е дом и на Наџин и Фату, мајка и ќерка и последни живи северни бели носорози на планетата.

(Фото: Џ. Дејвисон)

Приказната за Наџин и Фату несомнено е трагична. Децении и децении криволов и уништување на живеалиштата го доведоа овој некогаш распространет подвид од популација од илјадници до состојба на пропаст. Последниот машки примерок угина во 2018 година, со што останаа само две женки, Наџин и Фату. Тие живеат заедно во паркот под заштита на вооружени чувари, каде што сите ги знаат како ‘девојките‘“, вели Сем Андерсон, кој соработувал со Дејвисон на проектот, од кој произлезе книгата „Loose Joints“.

(Фото: Џ. Дејвисон)

Белите носорози се вторите најголеми копнени животни на светот, зад слоновите.

Тие се огромни и чудни, но и нежни и мирни. Тие се производ на многу милиони години еволуција и да се биде во нивна близина е магично“, вели Андерсон.

Ол Пејета е најголемото засолниште на црни носорози во источна Африка и таму се надеваат дека ќе успеат да ги спасат северните бели носорози од целосно исчезнување. За таа цел, собрани се јајца од Наџин и Фату и сперма од последните мажјаци, од што се создадени пет ембриони. Тие сега се чуваат длабоко замрзнати, до денот кога ќе биде можно да се претворат во живот.