МОДНИТЕ КУЌИ ГИ ПАЛАТ НЕПРОДАДЕНИТЕ ПРОИЗВОДИ ЗА ДА СПРЕЧАТ ФАЛСИФИКУВАЊЕ

Лондон, (Телеграф)

„Бурбери“, луксузната британска модна куќа, уништила непродадени облека, модни додатоци и парфеми во вредност од над 28 милиони фунти, за да си го заштити брендот.

Според годишниот извештај на компанијата, вкупната вредност на изгорената стока е 28,6 милиони фунти, од што 10,4 милиони отпаѓа на козметички производи. Во последните пет години, „Бурбери“ на овој начин уништил свои производи во вкупна вредност од 90 милиони фунти.

Уништување непродадени производи стана вообичаена пракса во модната индустрија, што компаниите го опишуваат како начин да ја зачуваат својата интелектуална сопственост и да се заштитат од незаконско кривотворење.

Извор за весникот „Тајмс“ откри дека главната причина за ова е да се спречи скапите производи да се појават на сивиот пазар, каде што фалсификатори би ги купиле по намалени цени и врз основа на нив би правеле евтини копии.

Облеката на „Бурбери“ се смета за една од најскапите во модната индустрија, при што поло маички чинат 250 долари, а познатите мантили достигнуваат цена и од 1.500 фунти.