СВЕТСКАТА ПОПУЛАЦИЈА НА АЈКУЛИ СЕ НАМАЛИЛА ЗА 71% ВО ПОСЛЕДНИТЕ 50 ГОДИНИ

Торонто, (АП)

Светската популација на ајкули и раи се намалила за повеќе од 70% во изминатите 50 години, утврдија истражувачите за првпат и овие масивни загуби водат многу видови кон исчезнување.

Огромниот пораст на риболовот од 1970 година го опустошил изобилството на ајкули и раји во светските океани, при што некои досега широко распространети видови се соочуваат со искоренување. Дваесет и четири од 31 океански вид на ајкули и раји сега се наоѓаат на листата на загрозени или критично загрозени животни, вели Меѓународната унија за заштита на природата. Џиновската океанска манта раја исто така е загрозена.

„Падот не запира, што е голем проблем. Сѐ што постои во нашите океани е веќе исцрпено. Ни требаат заштитни мерки за да спречиме целосен колапс“, изјави Нејтан Пакуро од канадскиот универзитет „Сајмон Фрејзер“, кој го предводеше истражувањето.

Користејќи збир од досегашни истражувања и податоци за улов, истражувачите го направиле првиот глобален попис на ајкули и раи, при што утврдиле дека нивниот број се намалил за 71% од 1970 година.