Популарната годишна ревија на „Викторијас сикрет“ ќе се врати оваа есен по шест години пауза. Производителот на долна облека објави на Инстаграм дека шоуто се враќа, без да го наведе точниот датум и најави некои промени во неговиот формат.
На шоуто познато по екстравагантни сценски поставки, сложени костими и градници вредни милиони долари настапуваа најпознатите светски модели, како Адријана Лима, Наоми Кембел и Бела Хадид, проследено со музичките изведби на Ријана, Тејлор Свифт и Џастин Бибер.
„Модното шоу на ‘Викторијас сикрет‘ ќе го донесе токму она што нашите потрошувачи го бараат – гламур, модна писта, мода, забава, крилја и забава, сето ова низ модерен, моќен објектив кој го одразува она што сме денес“, соопшти компанијата.
Во 2019, компанијата, која е подружница на „Л Брендс“, го откажа шоуто, велејќи дека е важно да се развие маркетингот на „Викторијас сикрет“. Во тоа време „Л Брендс“ се соочуваше со низа проблеми и две години подоцна се подели на две единици.
Првото шоу на „Викторијас сикрет“ се одржа во 1995 во Њујорк и во меѓувреме стана моден спектакл.