Раскошот на невестинските носии на македонската жена низ вековите е инспирација за колекцијата за современа жена „Саја“, пролет-лето 2018 година, на модната креаторка Антонија Ристовска.

Ристовска вели дека ја инспирирале мотиви на очи од зобан (елек), опрегач јумаклија и од делови од саја.

Дизајните се печатени на природна свила и се изработени во Италија (Фото: Ж. Чулиќ)

„Колекцијата е наменета за жена, девојка, која ја носи нераскинливата врска со минатото, апсолутно е присутна овде и сега, со проекција за својата иднина. Колекцијата содржи нежни и младешки парчиња, секое од нив инспирирано од македонските народни носии и облеки“, вели Ристовска.

Дизајните се печатени на природна свила и изработени во Италија. Секој модел е надополнет со рачно изработен накит од срма, бисери, монисти и цветови.

„За заштитни лица на колекцијата ги земав моите ќерки, бидејќи семејството е интегрален дел од традицијата, а нашето културно богатство се пренесува на помладите генерации“, додава креаторката.

Проектот е поддржан од Министерството за култура.