Да се платат 645 долари за панталони можеби е лудост, но што ако можете да ги носите засекогаш? Тоа е ветувањето на компанијата „Волебак“, која тврди дека нејзините нови панталони „100 години“ имаат рок на траење од цел век.
Коосновачот на „Волебак“, Стив Тајдбол, вели дека компанијата стои зад оваа гаранција, затоа што панталоните се направени од толку отпорен материјал, што со нив можете да одите и низ оган.
„Панталоните ‘100 години‘ се направени од иновативен трислоен материјал што може да издржи разни закани. Надворешниот слој е водоотпорен и не се гребе, средниот слој е отпорен на оган и се шири како воздушно перниче при високи температури, додека третиот слој е направен од арамидни влакна, синтетика слична на најлон која не гори, ни топи, давајќи дополнителна заштита“, појасни Тајдбол.
Тој додава дека панталоните оригинално биле наменети да помогнат на војници во најекстремни ситуации.
„Овие панталони не се ниту тешки, ниту неудобни. Тие се направени од првиот интелигентен материјал на светот и можат удобно да се носат секој ден“.