Затворањето на 20. сезона на Моден викенд Скопје, што изминатите три дена се одржуваше во Музеј на Град Скопје, покажа дека македонската мода има светла перспектива. Тоа можеше да се види од групната ревија на студентките од Академијата за моден дизајн во рамките на „Џолев и уметностите” и „Сивус”, кои работеа под менторство на професорот Никола Ефтимов.
Идеологијата која ги врзуваше колекциите на Елена Маџирова, Ангела Доневска, Мирјана Јосифоска, Ана Марија Атанасовска и Марија Стојановска е општествена одговорност, тргнувајќи од грижата за околината во која што живееме и работиме.
Наталија Терзија премиерно ја претстави спортско-гламурозната линија „Terziya movement“, проткаена со минималистички комфор и доза на футуризам. Колекцијата од 15 безвременски изгледи, создадени за непрекинато движење, ги урива бариерите во однос на телесните облици и наметнатите општествени стандарди.
Сара Реџиќ ја претстави својата имагинација за есен-зима 2019/20 преку колекцијата „Романтична есен“, а ова издание на Моден викенд го затвори ревијата на Олгица Ѓорѓиева, поддржана од „Мерц специјал“, козметичка линија за убавина.
Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ