НИКОГАШ НЕ МИ ГО ВИДЕЛЕ ТЕЛОТО, А СУДАТ ЗА НЕГО, ВЕЛИ БИЛИ АЈЛИШ ВО ИНТЕРВЈУТО ЗА „ВОГ“

Лондон, (Инсајдер)

Младата поп ѕвезда Били Ајлиш неодамна го урна интернетот кога ја покажа својата нова фризура, станувајќи русокоса, но нејзината трансформација не заврши тука. Во новиот број на британски „Вог“, Ајлиш ја отфрли широката облека по која беше препознатлива и ја покажа својата секси страна, но и тетоважата на бутот, за која претходно кажа дека фановите никогаш нема да ја видат.

Во фотосесијата за „Вог“, 19-годишната Ајлиш носи корсет на „Барбери“, хулахопки и мантил.

„Наеднаш те сметаат за лицемер ако сакаш да си го покажеш телото. Покажувањето или непокажувањето на телото не би требало да има врска со почитта кон некого. Некои луѓе го мразат она што го носам, некои го ценат. Иако никогаш не го виделе моето тело, тие судат за него и за мене. Зошто? Иако останувам длабоко несигурна кога е моето тело во прашање, сега имам поголема самодоверба да правам што сакам“, вели Ајлиш во интервјуто за „Вог“.

Таа во минатото кажуваше дека преферира да носи широка облека за да не биде сексуално објективизирана.

„Затоа носам голема, широка облека. Никој не може да има мислење зашто никој не видел што има под неа“, изјави Ајлиш во 2019, кога го објави првиот албум.