БИЛ И МЕЛИНДА ГЕЈТС СЕ РАЗВЕДУВААТ – ГИ СПОИ РАБОТАТА, ПА ЈА ОСНОВАА НАЈГОЛЕМАТА ФОНДАЦИЈА НА СВЕТОТ

Сиетл, (АП)

Бил и Мелинда Гејтс објавија дека се разведуваат по 27 години брак, но ќе продолжат да работат заедно во нивната истоимена фондација, која е една од најголемите на светот. Тие преку идентични објави на Твитер појаснија зошто решиле да стават крај на бракот.

„Веќе не веруваме дека можеме да растеме заедно како двојка. По многу размислувања и работа на нашата врска, одлучивме да ставиме крај на бракот. Одгледавме три неверојатни деца и изградивме фондација која работи низ цел свет и им овозможува на луѓето да водат здрави, продуктивни животи. Бараме простор и приватност за нашето семејство, како што почнуваме да управуваме со овој нов живот“, се вели во нивните твитови.

Бил и Мелинда Гејтс во 1998 (Фото: Гети)

Бил Гејтс долго време важеше за најбогат човек на светот, а „Форбс“ моментално го проценува неговото богатство на 124 милијарди долари. Засега е нејасно каков ќе биде исходот на разводот. Мекензи Безос доби 4% од акциите во „Амазон“, вредни 36 милијарди долари, откако пред две години се разведе од Џеф Безос.

Мелинда Гејтс (56) се придружи на „Мајкрософт“ како менаџер за производи во 1987, а со својот иден сопруг се запознала на една бизнис вечера во Њујорк истата година.

„Многу си значевме еден на друг и имаше само две можности: или ќе раскинеме или ќе се венчаме“, изјави Бил Гејтс во документарец на „Нетфликс“.

Тие се венчаа во 1994 година на хавајскиот остров Ланаи. Бил Гејтс се повлече од бордот на „Мајкрософт“ минатата година, со цел да се посвети на своите филантропски активности. Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ е основана во 2000 година и денес е највлијателната приватна фондација на светот и располага со околу 50 милијарди долари.