НОВИОТ СУПЕРМЕН Е БИСЕКСУАЛЕЦ

Њујорк, (Би-Би-Си)

„Ди-Си комикс“ објави дека неговиот нов Супермен ќе биде бисексуалец. Во следното издание на стрипот, што ќе излезе во ноември, Џон Кент почнува геј врска со својот пријател Џеј Накамура.

Приказната е дел од серијалот „Супермен: Синот на Кал-Ел“, во кој Џон ја презеде наметката на Супермен од својот татко Кларк Кент. Овој серијал почна во јули и Џон оттогаш се бореше против шумски пожари предизвикани од климатските промени, спречи пукање во средно училиште и протестираше против депортирањето на мигранти. Во претходен број, тој стана пријател со новинарот Џеј Накамура.

„Тие ќе почнат врска во претстојниот петти број откако Џон станува ментално и физички исцрпен од обидите да ги спаси сите“, велат од „Ди-Си комикс“.

Сценаристот на серијалот Том Тејлор вели дека би било погрешно Кларк Кент да се замени со уште еден бел хетеро спасител.

„Кога предложив Џон Кент да биде бисексуалец, од ‘Ди-Си комикс‘ ми кажаа дека и тие размислувале за таа идеја“, изјави Тејлор.