Во музејот Греми во Лос Анџелес првпат ќе се одржи американска изложба посветена на покојната британска пејачка Ејми Вајнхаус.
Изложбата насловена „Зад црнилото – стилот на Ејми Вајнхаус“ ќе ги претстави препознатливите парчиња облека на пејачката која почина во 2011, меѓу кои и кусиот фустан без ракави што го носеше на последниот концерт во Белград во 2011. Ќе можат да се видат и необјавени, рачно напишани песни, домашни снимки и голема семејна архива.
Вајнхаус почина на 27 години на 23 јули 2011 од алкохолно труење. Издаде само два албума и освои пет Греми награди во 2008. Тогаш не дојде на свеченоста бидејќи ѝ беше одбиено барањето за американска виза.
„Ејми имаше јасна претстава за себеси и за тоа како сака светот да ја гледа. Работата со Ејми беше еден од најкреативните периоди во мојата кариера. Се радувам што светот конечно ќе може да види што подготвувавме за нејзината турнеја која требаше да се одржи летото 2011“, изјави нејзината стилистка Наоми Пери.
Голем број од предметите ќе бидат ставени на аукција, а парите ќе одат во фондацијата „Ејми Вајнхаус“, која помага на млади луѓе кои имаат проблеми со дрога и алкохол.