ПАНДЕМИЈАТА ПОКРЕНА ВЕЛОСИПЕДСКА РЕВОЛУЦИЈА ВО ЕВРОПА, НАД МИЛИЈАРДА ЕВРА ВЛОЖЕНИ ВО НОВИ ПАТЕКИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Од Букурешт до Брисел, од Лисабон до Лион, пандемијата на коронавирусот покрена досега невидени вложувања во велосипедизмот низ Европа. Над една милијарда евра се потрошени на велосипедската инфраструктура и изградени се повеќе од 2.300 километри нови велосипедски патеки откако почна пандемијата.

„Велосипедизмот стана голем победник на целата оваа ситуација. Ова време ни покажа колкав потенцијал има велосипедизмот да ги промени нашите градови и животи“, вели Џил Ворен од Европската велосипедистичка федерација.

Милано беше еден од првите големи градови во Европа кој почна да вложува во велосипедизмот за да можат луѓето полесно да се движат наоколу во новите услови. Градот доби 35 километри нови патеки, иако повеќето од нив се привремени.

„И порано сакавме да градиме велосипедски патеки, но возачите на автомобили протестираа. Повеќето луѓе кои сега се префрлија на велосипед порано користеа јавен превоз. Пред епидемијата имавме 1.000 велосипедисти на главната шопинг улица, а сега се 7.000“, вели Пјерфранческо Маран, одговорен за урбано планирање во Милано.

Брисел инсталираше 40 километри нови велосипедски патеки (Фото: Гети)

Над 800 километри подалеку, заменик градоначалникот на Париз, Давид Белијар, зборува за големата трансформација на неговиот град, кој вложи 20 милиони евра во нови велосипедски патеки.

„Ова е како револуција. Најзначајната промена е на озлогласено прометната улица Равиоли, каде што некои делови сега целосно се ослободени од автомобили“, вели тој, додавајќи дека бројот на велосипедисти се зголемил за 27% во однос на истиот период лани.

Брисел инсталираше 40 километри нови велосипедски патеки долж некои од најпрометните улици во градот, а користењето на ова превозно средство се зголемило за 44%.

За разлика од многу други градови, Амстердам и порано имаше огромна велосипедска инфраструктура, со 767 километри патеки. Сепак, пандемијата имаше уште поголемо влијание врз урбаната мобилност.

„Лудо е, зашто она што мислевме дека ќе се случи за десет години, наеднаш се случи за три до шест месеци. Во првите четири месеци од 2020 продадовме повеќе електрични велосипеди отколку во претходните две години“, вели Тако Карлиер, сопственикот на брендот „ФанМоф“.

Електричен велосипед сега е најпродаваниот тип на велосипед во градот и нивната продажба порасна за 53%.