БАХРЕИН ОТВОРА НАЈГОЛЕМ ПОДВОДЕН ПАРК НА СВЕТОТ И ПОТОПИ „БОИНГ 747“ ВО МОРЕТО

Манама, (Си-Ен-Ен)

Голем подводен тематски парк, кој вклучува и потопен „боинг 747“, ќе се отвори во Бахреин во август, објавија тамошните власти. Тие се надеваат дека скапиот парк, што се простира на површина од 100.000 квадратни метри, ќе привлече љубители на нуркањето од цел свет.

Наречен „најголем подводен парк на светот“, тој се наоѓа покрај градот Дијар ал Мухарак, сместен на седум вештачки острови. Негова централна атракција ќе биде 70 метри долг авион, за кој бахреинскиот министер за туризам и индустрија Зајед бин Рашид ал Зајани вели дека е најголем потопен на светот. Подводниот парк ќе содржи и вештачки корални гребени и скулптури.

„Горди сме што отвораме еден ваков уникатен еколошки проект“, изјави Зајани.

Дека е еколошки, поморски експерти не се согласуваат, бидејќи, како што велат, некои материјали од авионот ќе кородираат и притоа ќе се испуштаат тешки метали во водата, што ќе влијае на морските организми. Бахреинските власти уверуваат дека авионот бил специјално подготвен и од него биле отстранети сите штетни делови пред да биде спуштен во водата.