Одговорот на прашањето како може да се разликува квалитетната музика е многу мистериозно. Впрочем, и самата музика е најмистериозната појава. Не постои ако не се запише на хартија, но и таа хартија е мртва, кажа уметникот Џијан Емин на предавањето „Музиката денес”, што се одржа во Охрид.

„Музиката е временска уметност. Самиот концерт или настан што се случува во моментот ѝ дава една посебна димензија и само луѓето кои се присутни можат вистински да ја уживаат музиката и да ја почувствуваат магијата, бидејќи не е исто како носач на звук кој се слуша дома или во автомобил”, смета познатиот македонски композитор, аранжер, продуцент, диригент и организатор на спектакуларни музички проекти.

Според него, авторот не ја прави музиката за себеси, туку за луѓето и мора да најде најдобар начин како да ја презентира, за да може публиката да ја открие вистинската вредност на делото, а, истовремено, и на изведувачот.

„Технологијата, како во секојдневието, помага и во креирањето музика, но постои страв дека компјутерите ќе ја преземат целата работа. Секако, ние кои правиме музика на традиционален начин ќе продолжиме да го правиме тоа. Таа борба ќе трае. Светот на квалитетната музика ќе биде во минус, но потоа ќе следи откровение”, рече Џијан на предавањето во катедралната црква Света Софија.

Д. ЧУБРИЌ