БОСАНСКИ БИЗНИСМЕН НАПРАВИ ПАРК НАЛИК НА „ЅВЕЗДЕНА НОЌ“ ОД ВАН ГОГ

Сараево, (Ројтерс)

Бизнисменот Халим Зукиќ од босанскиот град Високо го трансформирал земјиштето од својата куќа во една од најпознатите слики на Винсент ван Гог, „Ѕвездена ноќ“.

Зукиќ решил да создаде парк откако купил земја и куќа во блиското село пред 20 години, но немал јасна претстава како треба да изгледа. Пред шест години, додека стоел на еден рид гледајќи трактори на ливада со сено, ги забележал трагите на нивните тркала во форма на спирала, што го потсетувало на мотивите од делото на Ван Гог од 1889.

„Од тој момент повеќе не се сомневав што треба да направам“, вели Зукиќ.

Фото: АП

Тој сакал паркот „Ѕвездена ноќ“, кој е на површина од 10 хектари, да биде дел од поголем комплекс во вид на одморалиште. Засадил повеќе дрвја и создал 13 езера, користејќи ги постоечките природни потоци.

За да ја долови сликата биле засадени 130.000 грмушки лаванда во шест различни нијанси и други лековити и ароматични билки, како жалфија, ехинацеа, пелин и камилица, формирајќи шарени кругови, спирали и природни амфитеатри.

Зукиќ, кој сам го уредил паркот, вели дека пресоздавањето на сликата му помогнало да ги разбере уметниците и креативните предизвици со кои се соочуваат.

„Ова е најголемата репродукција на ‘Ѕвездена ноќ’, резултат на 20 години соништа и на нивно остварување. Паркот ќе се фокусира на уметнички програми и промоција на културното наследство на централна Босна“, рече Зукиќ.

(Фото: АП)