ЃЕРДАП МЕЃУ НОВИТЕ СВЕТСКИ ГЕОПАРКОВИ ПОД ЗАШТИТА НА УНЕСКО

Њујорк, (Би-Би-Си)

Подрачјето на Ѓердап се најде под заштита на УНЕСКО откако беше додадено на нејзината листа на светски геопаркови.

Покрај Ѓердап, во чиј состав се наоѓа најдолгата клисура во Европа, за нови светски геопаркови се прогласени уште 14 локации, кои се наоѓаат во Канада (две), Кина (две), Финска, Индонезија, Никарагва, Јужна Кореја, Русија, Шпанија, Велика Британија, Виетнам и во Турција.

Геопаркот Ѓердап се простира на површина од 1.330 квадратни километри во североисточна Србија, а неговата најголема атракција е истоимената клисура долга над 100 километри.

УНЕСКО ги дефинира геопарковите како единствени географски подрачја кои се одликуваат со локалитети и пејзажи од меѓународно геолошко значење, како и со исклучително природно и културно наследство. Под негова заштита сега се 161 геопарк од 44 држави, најмногу во Кина (41).