Германските власти го откажаа легендарниот фестивал на пивото Октоберфест втора година по ред поради грижите околу коронавирусот.
„Ова не беше лесна одлука, но ситуацијата и натаму е премногу неизвесна. Подоцнежното откажување на фестивалот би донело економски загуби“, кажа премиерот на Баварија, Маркус Зедер.
Околу шест милиони луѓе вообичаено го посетуваат фестивалот, што се одржува во септември и октомври. Според Зедер, на фестивалот би било неизводливо да се спроведуваат коронамерки, како носење маска и социјална дистанца.
„Замислете да имаме нов бран на пандемијата и на Октоберфест да се случи масовно ширење на заразата. Брендот засекогаш би бил нарушен, а тоа не го сакаме“, изјави Зедер.
Ова е 26. откажување на фестивалот во повеќе од 200 години постоење. Тоа првпат се случило во 1813 година поради борбите со Наполеон, а подоцна бил откажуван и поради војни, колера и инфлација.