Прошетка по главната улица во американскиот град Хемтремк во Мичиген е како мала турнеја по светот. Долж неа, една до друга, стојат продавница за полски колбаси, источноевропска пекарница, јеменска стоковна куќа и бенгалски бутик, а црковни камбани ѕвонат истовремено со исламски повик за молитва.
„Светот во пет квадратни километри“, Хемтремк го живее својот слоган. Во оваа мала област се зборуваат 30-ина јазици.

Овој месец, градот со 28.000 жители испиша историја откако избра муслиман за градоначалник и семуслимански градски совет, станувајќи прв град во САД во кој на власт се муслимани. Своевремено дискриминирани, муслиманските жители станаа интегрален дел од овој мултикултурен град и денес сочинуваат повеќе од половина од населението. Хемтремк е првиот град во САД со мнозинско муслиманско население.
„Не е необично да видите тетовирана девојка во мини здолниште и жена во бурка како во исто време одат по улица. Тоа сè кажува за нас“, вели Златан Садиковиќ, босански имигрант кој држи кафуле во центарот.

Хемтремк во почетокот бил град на германски доселеници, во 20. век бил познат како „мала Варшава“, а продолжил да привлекува имигранти и откако станал еден од најсиромашните градови во Мичиген по пропаѓањето на локалната автомобилска индустрија. Во изминатите 30 години тој целосно се трансформирал со доаѓањето на бројните арапски и азиски имигранти, најмногу од Јемен и Бангладеш. 42% од денешните жители на градот се родени во странство.
Новоизбраната локална влада ќе ја предводи Амер Галиб, Јеменец кој на 17 години се доселил во САД.
„Хемтремк е како торта со седум слоеви, каде што различните групи ги задржуваат своите култури, додека тесно коегзистираат една со друга“, вели новата градска советничка Аманда Јачковски, Полјачка која преминала на ислам.