ГИ ПРЕЖИВУВАВ ТРАУМИТЕ ОД ТИНЕЈЏЕРСТВОТО ЗА ДА ГО СОЗДАДАМ ЛИКОТ НА ЦРНАТА ВДОВИЦА, ВЕЛИ ЛЕДИ ГАГА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Леди Гага вели дека се инспирирала од сексуaлното злоставување во тинејџерските години при подготовката за главната улога во новиот филм „Куќата Гучи“. Во режија на Ридли Скот, тој ја пренесува приказната за љубовта, предавството и убиството во славната италијанска модна фамилија.

Пејачката и актерка ја игра Патриција Реџани, која помина 18 години во затвор откако најми убиец да го убие нејзиниот поранешен сопруг и шеф на брендот, Маурицио Гучи. Реџани, која од медиумите го доби прекарот Црна Вдовица, беше ослободена во 2016 поради добро однесување.

„Ги искористив сите тие сеќавања, трауми и страшни моменти од мојот живот“, вели Гага за Би-Би-Си.

Таа летоска откри дека на 19 години забременила откако била силувана од музички продуцент и потоа имала нервен слом.

„Беше многу болно на снимањето бидејќи постојано се потпирав на моите сеќавања. Јас сум многу отворена дека поминав низ посттрауматски синдром и низ повеќе инциденти. Спремајќи ја улогата, ги искористив сите тие моменти“, вели таа.

Гага има најпофални зборови за режисерот Скот, кој редовно ја прашувал за нејзиното ментално здравје оти видел дека улогата ѝ создава трауми.

„Можеби не е најздравата работа повторно да ја преживееш сопствената траума за градење на лик. Но, јас сум романтичар. Имав романса со сценариото, ликот, екипата. Сметам дека на некој начин поминав низ терапија или, што би рекол Скот, низ егзорцизам“, вели оскаровката.

Филмот од 25 ноември ќе игра во Скопје.