Своевремено еден од најубавите градови во Римското Царство, Лептис Магна денес лежи запуштен и напуштен по една деценија војна во Либија. Овие денови можат да се видат малкумина посетители како се движат меѓу импозантните руини на градот, кој се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО.

Формиран од Феничаните во 7. век пред нашата ера, па освоен од Рим, Лептис Магна е родното место на римскиот цар Септимиус Северус, кој значително го проширил и развил. Со прекрасен поглед на Средоземното Море, добро зачуваните остатоци вклучуваат голема базилика, тркачка патека и театар, кој имал капацитет од 15.000 гледачи.

(Фото: АФП)

Насилствата што избија во Либија по падот на диктаторот Гадафи ги покренаа стравувањата за древните руини, но областа, сепак, беше поштедена од борби.

„Во војната немаше директни напади и закани за Лептис Магна. Она што го загрозува е недостигот на средства и владина поддршка. Минатата година конечно почнавме проекти кои требаше да бидат завршени пред 50 години“, вели Азедин ал-Факи, шефот на локалниот оддел за антиквитети.

(Фото: АФП)

Либија речиси и да немала туризам во ерата на Гадафи од 1969 до 2011 година, но Ал-Факи верува дека потенцијалот на Лептис Магна е огромен во тој поглед.

„Тој отсекогаш бил занемарен од државата. Немало ископувања, нови откритија, ниту туристичка промоција. Но, Лептис Магна е повреден од десет нафтени извори“, смета тој.