Шпревалд е биосферен резерват сместен околу 100 километри југоисточно од Берлин, кој освен 6.000 животински и растителни видови, е дом и на Лужичките Срби (Сорби), најмалата словенска етничка група и едно од четирите признати малцинства во Германија, покрај Данците, Фризите и германските Синти и Роми.
Лужичките Срби се потомци на словенски племиња кои живееле северно од Карпатите во централна и источна Европа. Пред околу 1.500 години, некои од тие племиња се преселиле во Лужица, историски регион кој понекогаш се нарекува и Сербја, кој ги опфаќал источна Германија, западна Полска и северниот крај на Чешка. Низ времето, европските царства и нации се појавувале и исчезнувале, но Лужичките Срби опстанале во она што денес е Германија.
Денес има околу 60.000 Лужички Срби во Германија: една третина живее во сојузната покраина Бранденбург, во кој спаѓа и Шпревалд, а останатите се појужно, во Саксонија.
Покрај германскиот, Лужичките Срби го зборуваат сопствениот западнословенски јазик: околу 20.000 луѓе во Саксонија го зборуваат горнолужичкиот (кој има сличности со чешкиот), а околу 5.000 луѓе во Бранденбург – долнолужичкиот (кој е поблиску до полскиот). Двата јазика денес се загрозени и се промовираат локално.
„За многу луѓе, јазикот е исклучително важен, тој е главниот начин за идентификација на Лужичките Срби“, вели Фабијан Каулфирст, експерт за јазици од Лужичкиот институт сместен во градот Бауцен (Будишин), кој денес се смета за духовно и политичко средиште на Лужичките Срби.
Во Бауцен и во околните пет села лужичкиот јазик се зборува не само со генерации, туку и во секојдневниот живот на тамошните 7.000 жители. Иако оддалечени само 50 километри од Дрезден, станува збор за доста изолирана заедница.
Лужичкиот јазик денес се изучува во 41 основно и десетина средни училишта.