Касел-Калден има бесплатен паркинг и одлична врска со автопатишта, па, сепак, го сметаат за најнепотребен аеродром во Германија.
Додека Франкфурт, Берлин и Минхен едвај се носат со напливот на туристи, во централниот град Касел владее тишина: до крајот на август, од овој аеродром ќе полетаат само 35 авиони, не дневно, туку вкупно.
Изградбата на аеродромот чинела 270 милиони евра, а во 2023, во просек имал 227 патници на ден. Тука оперираат три авиокомпании, а единствените дестинации до кои може да се стигне оттука се Палма де Мајорка (Шпанија), Болцано (Италија) и германските острови Силт и Узедом. Од отворањето во 2013, аеродромот имал загуби од 60 милиони евра. На аеродромот и во околните фирми работат над 2.380 луѓе.
Првичните планови биле 700.000 патници годишно, но реалноста е драстично поинаква.
„Ова е класичен пример на мегаломански проект кој нема никаква економска смисла. Но, сега никој не смее да го затвори. Градот Касел и сојузната покраина Хесе секоја година плаќаат милиони евра за да останат пистите отворени“, изјави економскиот аналитичар Клаус Вебер за „Билд“.
(Фото: ДПА)