САЛЦБУРГ – НЕДОПРЕН БАРОКЕН ГРАД ШТО МОРА ДА СЕ ПОСЕТИ ВО 2020

Салцбург, (Си-Ен-Ен)

Тој е родниот град на Волфганг Амадеус Моцарт и место каде што се среќаваат германската и италијанската култура.

Салцбург, четвртиот град по големина во Австрија, неодамна се најде на првото место на листата на градови што треба да се посетат во 2020 година, во традиционалниот избор на сајтот „Lonely Planet“.

Тој има нешто повеќе од 150.000 жители, но само реномираниот „Салцбург фестивал“ секое лето привлекува 250.000 љубители на опера, концерти и театар од цел свет. Згора на тоа, изборот на „Lonely Planet“ се совпаѓа со 100-годишнината на овој фестивал, што ќе се одбележи следната година.

Салцбург бил основан кон крајот на седмиот век и денес е главен град на истоимената сојузна покраина. Идеално сместен меѓу северна и јужна Европа, Салцбург е недопрен барокен град, чиј цел историски центар, во кој доминираат градбите на италијанските архитекти Винченцо Скамоци и Сантини Солари, се наоѓа на листата на светското културно наследство на УНЕСКО.

Благодарение на своите култура, традиција и привлечност, Салцбург, што во буквален превод значи солена тврдина, често се нарекува „најинспиративниот град во Австрија“.