ШПАНИЈА ВОВЕДУВА БЕСПЛАТЕН ЖЕЛЕЗНИЧКИ ПРЕВОЗ НА ДЕЛ ОД ЛИНИИТЕ

Мадрид, (Си-Ен-Ен)

Шпанија воведува шема што некои патувања со воз ќе ги направи целосно бесплатни. Владата објави дека во одредени делови од државната железница „Ренфе“ ќе може да се патува за нула евра од 1 септември до крајот на годината.

Ова се надоврзува на претходната владина одлука за намалување на цената на јавниот превоз за 30%, вклучувајќи метро, автобуси и трамваи.

Попустот од 100% ќе се однесува на билетите за повеќе патувања и за среднодолгите дистанци, до 300 километри. Мерката главно важи за шпанските сопственици на билети за повеќе патувања, но и туристите ќе имаат корист од неа ако земат ваков билет.

„Сакам луѓето во Шпанија да знаат дека владата е целосно свесна за нивните секојдневни потешкотии. Знам дека платите покриваат сè помалку и помалку и дека е тешко да се преживее до крајот на месецот“, изјави премиерот Педро Санчес.

Шпанија не е првата земја во Европа која ја намалува цената на јавниот превоз во овие кризни времиња. Германија воведе месечен билет од девет евра за целиот локален и регионален превоз, додека во Австрија може да се купи годишен, неделен или дневен „климатски билет“ по поволна цена.