ВО АЛБАНИЈА ОТКРИЕНО НАЈГОЛЕМОТО ПОДЗЕМНО ТЕРМАЛНО ЕЗЕРО НА СВЕТОТ

Албанија, (Анадолу)

Тим на чешки научници го откри во Албанија најголемото подземно термално езеро на светот, објавија чешките медиуми. Откритието следува по неколку години истражувања на чешкиот спелеолог Марек Ауди, кој верувал дека скриен систем на термални пештери постои во јужниот албански регион Вромонер.

Додека ја мапирале областа близу грчката граница и ја следеле пареата од бројни загреани извори, научниците откриле бездна длабока 100 метри. На дното било пронајдено езеро долго 148 метри, широко 42 метри и со обем од 345 метри. Езерото, кое беше наречено Неурон, содржи 8.335 кубни метри топла вода.

„Сега знаеме дека околните топли извори се хранат со водата од подземното езеро. Сметаме дека ова откритие може да придонесе и за заштита на целата област и за подобро разбирање на нејзината хидрологија, бидејќи никој не знае како точно овие подземни води се поврзани со површината“, изјави чешкиот спелеолог и фотограф Рихард Боуда.