ПО АТИНА И СКОПЈЕ, ИЗЛОЖБАТА ЗА ДОКСИЈАДИС ПРЕТСТАВЕНА ВО СОЛУН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во галеријата на Школата за архитектура при Аристотеловиот универзитет во Солун, вчера (11 ноември) беше отворена архитектонската изложба „Иднината како проект: Доксијадис во Скопје“ (The Future as a Project: Doxiadis in Skopje), проект од национален интерес во културата за 2025 година. Изложбата беше поставена пред седум години во музејот Бенаки во Атина, а во септември 2023 беше изложена во Музејот на современа уметност во Скопје.

Авторскиот тим на проектот го сочинуваат Владимир Десков, Ана Ивановска-Дескова, Јован Ивановски, Калиопи Амигдалу и Костас Циамбаос, заедно со соработниците Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Кристос Георгиос Критикос.

Тие велат дека повеќе од шест децении од катастрофалниот земјотрес во Скопје изложбата има за цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за обновата на Скопје. Во нејзиниот фокус се улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер Константинос А. Доксијадис.

Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од Обединетите нации кои го водат процесот за обнова на Скопје.

„Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија, нивните извештаи, деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, размислувањата, сето тоа придонело во изработката на Основниот план за обнова на Скопје. Станувајќи стратешка алатка за трансформација на Скопје во идна метропола, Основниот план го отвора патот кон градежниот бум што ќе следи кон крајот на 1960-тите и во 1970-тите, претворајќи го ‘градот на меѓународната солидарност‘ во една од престолнините на доцно-модерната архитектура и планирање“, вели авторскиот тим.