РЕСТОРАНОТ „НОМА“ НА ТЕТОВЕЦОТ РЕНЕ РЕЏЕПИ ЌЕ СЕ ЗАТВОРИ ВО 2024, ФОКУСОТ НА ЛОКАЛНОТО И ПРИРОДНОТО Е ОНА ШТО ГО ПРАВИ ПОСЕБЕН

Копенхаген, (Гардијан)

Гастрономскиот свет вчера ја изненади веста за затворањето на ресторанот „Нома“ во Копенхаген. Иако се смета за најдобар ресторан на светот, неговиот сопственик Рене Реџепи призна дека „правичното плаќање на речиси 100 вработени и одржувањето на високи стандарди со сегашните цени на пазарот веќе не е одржливо“.

Реџепи (45) е роден во Копенхаген и има потекло од тетовското село Џепчиште. Првата верзија на „Нома“ ја отвори во 2003 и потоа го претвори во лидер во индустријата на врвни ресторани. Титулата најдобар ресторан на светот ја освојуваше во 2010, 2011, 2012, 2014 и 2021.

„Нома“ важи за пионер во прехранбените трендови и е автентичен во послужувањето на скандинавската кујна. Се фокусира на локални и сезонски состојки, особено дива, свежо уловена риба и самоникнати билки.

„Нома“ пет пати беше прогласуван за најдобар ресторан на светот (Фото: Нома)

Реџепи секоја година креира три менија со по 20-ина елементи, чија цена е околу 450 евра по личност. Тие вклучуваат и цвеќиња, печурки, шумски плодови, морски плодови, алги и разни зеленчуци.

Критичарот на храна на „Њујорк тајмс“, Пит Велс, издвои шест особини кои јадењето во „Нома“ го прават посебно искуство:

  • природни декорации на садовите, како камења и гранки
  • локално одгледани производи
  • широк избор на ферментирана храна
  • голем избор ретки вина
  • предјадењата се нарекуваат грицки
  • неконвенционални методи на готвење со кои се нагласуваат вкусови.

„Нома“ ќе се затвори по завршувањето на зимската сезона во 2024 и една година подоцна ќе се врати во вид на „гастрономска лабораторија“ за да се фокусира на иновации и развојот на нови вкусови. Реџепи најави дека одвреме-навреме ќе организира привремени ресторани во Копенхаген и странство.

(Фото: Гети)